Во следното издание на фудбалската Лига на шампиони, не им е загарантирано местото на сите 12 клуба кои беа потпишани за формирање на европската Супер Лига. Некои од тие клубови воопшто не блескаат во домашните првенства, па иако имаат намера да бидат дел од некаква богата елита, може да останат надвор од друштвото во ЛШ.
Арсенал во моментов е дури деветти во Премиерлигата, и не само што е далеку од пласман во ЛШ, туку реално може да остане и без Лига Европа. За Топчиите надежта е да ја освојат Лига Европа, па така да се пробијат директно во групите од ЛШ.
Ливерпул е седми во моментов, Тотенхем шести, па кога денеска би се завршило англиското првенство, овие три тима не би имале место во најсилното клупско натпреварување. Челзи е четврти, и полуфиналист во ЛШ, па има добра шанса, но мора да внимава да не биде претркан од петтиот Вест Хем со кого има ист број бодови и против кого игра викендов.
Јувентус во Италија е четврти, со само два бода плус во однос на Наполи. После серија од девет скудета по ред, Старата дама сезонава речиси сигурно нема да биде првак, но ако не влезе во Топ 4, тоа би било катастрофа за нив.
Три шпански „суперлигаши“ се сигурни учесници во ЛШ, доколку не добијат некаква суспензија од УЕФА. Истото важи и за Милан од Италија, и двата тима од Манчестер.