Чеферин најави жестоки казни за Реал, Барселона и Јувентус

Остри казни ќе има за клубовите кои се иницијатори за формирање на Суперлигата, најави претседателот на УЕФА Александер Чеферин. Првиот човек на европската фудбалска куќа потенцираше дека Реал Мадрид, Барселона и Јувентус ќе бидат клубовите кои ќе ги сносат најголемите последици, како главни иницијатори на Суперлигата.

„Секој мора да ги сноси последиците за тоа што го направил. Не може да се правиме како ништо да не се случило. За мене постои јасна разлика помеѓу англиските клубови и останатите шест. Англиските екипи први се повлекоа со признание дека згрешиле. Морате да имате одредена големина во себе и да кажете дека сте згрешиле. Потоа доаѓаат Интер, Атлетико Мадрид и Милан кои исто така се покајаа за својата постапка. Останаа три клубови кои мислат дека Земјата е рамна и кои мислат дека Суперлигата уште постои“, рече Чеферин кој јасно потенцираше дека Реал Мадрид, Барселона и Јувентус ќе ги сносат најголемите последици од обидот да се формира ново натпреварување.

Словенецот потенцираше дека сите 12 клубови ќе добијат казна, но уште не се знае од каков вид, но потенцираше дека трите клубови кои уште веруваат во Суперлигата ќе бидат најжестоко казнети. Чеферин беше презадоволен и од реакцијата на навивачите низ цела Европа кои решително го кренаа гласот против формирање на оваа нова лига.

 

- Оглас -

Најнови вести