Боксерските легенди со различни прогнози за Фјури-Вајлдер

Борбата за титулата во ВБЦ-верзијата во професионален бокс во тешка категорија помеѓу Донте Вајлдер и Тајсон Фјури предизвикува големо внимание и кај поранешните шампиони и легенди како Мајк Тајсон, Џорџ Формен, Ивандер Холифилд, Ленокс Луис, Ридик Боуви, а тие не се едногласни во прогнозата кој ќе победи.

„Стејплс центарот“ во Лос Анџелес е местото каде што в недела, рано наутро по македонско време, Фјури и Вајлдер ќе ја водат битката за шампионскиот појас во ВБЦ-верзијата.

Формен, кој беше најстар светски првак во тешка категорија, му дава предност на Вајлдер, за кого смета дека ќе победи на поени, со тесна судиска одлука.

„Јас навивам за Вајлдер, но импресиониран сум и од тоа како Фјури ги избегнуваше ударите на Владимир Кличко. Мислам дека Фјури може да издржи 12 рунди, но мислам дека Фјури ќе победи на поени“, смета Големиот Џорџ.

Тајсон, кој беше најмлад светски првак и еден од најексплозивните боксери кои се појавиле во рингот, смета дека Фјури има оружје кое ќе го искористи за да победи.

„Вајлдер има силен удар, но Фјури е психички многу стабилен и на рингот и надвор од него. Мислам дека ќе биде неизвесно, но поголеми шанси му давам на Фјури“, вели Челичниот Мајк.

Холифилд смета дека Фјури е поискусен и има трикови кои знае да ги употреби кога треба, за Луис станува збор за два боксера со различни стилови и тој што ќе наметне свој стил, ќе биде поблиску до триумф, додека Боуви е најсигурен во својата прогноза: „Ако го покаже својот потенцијал, Вајлдер лесно ќе победи и ќе го нокаутира Фјури“.

- Оглас -

Најнови вести