Џеси Марш ќе го наследи Јулијан Нагелсман како кормилар на Лајпциг, а со одлуката на раководството на германските Бикови од Бундеслигата никој не е изненаден.
Марш моментно е тренер на австриски Салцбург, кој го има истиот спонзор, „Ред Бул“, како и Лајпциг. Иако официјално не е потврден трансферот, германските медиуми објавија дека тоа е само формалност и Американецот сигурно ќе се пресели од Австрија во Германија.
Џеси му беше помошник на Нагелсман една сезона во Лајпциг и добро ги познава состојбите во клубот, кој веројатно ќе биде вицешампион на Германија и ќе игра во Лигата на шампионите.
Нагелсман веќе се договори со Баерн и ќе биде нов шеф на стручниот штаб на Баварците за рекордна отштета од 25 милиони евра, што старо-новиот германски првак му ги плати на Лајпциг.