Барселона славеше со 3-2 на гостувањето кај Валенсија и остана во неизвесната битка за шампионската титула во Ла Лига
Лилјаците се покажаа како тврд орев и по издржаните 0-0 во првиот дел, поведоа на стартот од вторите 45 минути преку Габриел Паулиста со контроверзен погодок при кој можеше лесно да се досуди фаул во напад врз голманот Тер Штеген.
Домаќините издржаа само седум минути во водство, а Меси покажа дека полесно му е да реализира од слободен удар, отколку од 11 метри. Капитенот на Каталонците промаши пенал во 57-та минута, но ја искористи мешаницата пред голот и одбиената топка ја смети во мрежата на Силесен, за по само неколку минути Гризман да го сврти резултатот на 2-1 во корист на гостите.
Се играше 69-тата минута кога Меси доби прилика да се закани од прекин од околу 20 метри, и го стори тоа на перфектен начин совладувајќи го Силесен со помош на дирекот за водство од 3-1. Во 83-тата Солер со маестрален удар од далечина намали на 3-2, но Валенсија до крајот не успеа да дојде до евентуално израмнување.
Барселона повторно е егал по бројот на бодови со Реал Мадрид, ривалите имаат по 74 бода, Атлетико останува лидер со два бода повеќе во последните четири кола од шпанското првенство.