Азар подготвен за битка на стадионот на кој даде најмногу голови

За Белгијците Еден Азар и Тибо Куртоа, вечерашното гостување на Реал Мадрид кај нивниот ексклуб Челзи има посебно значење. Тие се прославија во дресот на лондонските Сини и оттаму преминаа во Реал, со кого сега се борат за титула во Лигата на шампионите.

Куртоа е еден од главните адути на Кралскиот клуб сезоната, а 30-годишниот Азар е голем должник и не ги прикажува игрите кои се очекуваа од него. За Азар ова е прво гостување на „Стемфорд бриџ“ по заминувањето во 2019 година, а најавите се дека ќе биде стартер. Зинедин Зидан верува дека на теренот на кој има дадено најмногу голови, Азар ќе се чувствува како дома и може да им помогне на мадридските Бели да победат.

Азар на првиот меч во Мадрид играше 24 минути и немаше никаков ефект, потоа за викендот против Осасуна се подобри и настапи 72 минути. Тој се мачи со повреди, за две сезони одигра само 39 меча и натпревари како вечерашниот се идеални да ги покрие сите слабости и отсуства поради кои го критикуваат.

„Одвај ја чекам големата вечер. Се гледаме пријатели мои“, напиша Азар, објавувајќи слики од синоќешниот тренинг на Реал на стадионот во западниот дел на Лондон.

- Оглас -

Најнови вести