Никола Митревски беше еден од најзаслужните за победата на Порто од 33:30 во дербито против Спортинг во португалскиот ракометен шампионат. Нашиот репрезентативен голман ја имаше една од клучните одбрани во 56 минута кога при резултат 30:30 го спречи противникот да поведе.
По одбранетиот удар, топката можеше повторно да заврши кај ривалите, па Митревски со фудбалски потег, со „петица“ успеа да ја задржи во свој потег. Сепак, ударот со петица беше „кобен“ за еден од двајцата судии, бидејќи топката заврши директно во неговото меѓуножје. По кратка пауза, судијата потврди дека не е посериозно повреден и мечот продолжи, а Порто стигна до победата.