Митровиќ, кој има 23 години, ќе остане во Лондон кај српскиот тренер Славиша Јокановиќ, бидејќи од јануари беше на заем од Њукасл.
Српскиот напаѓач сега и официјално ги напушти „чавките“ и потпиша петгодишен договор со клубот од престолнината на Англија.
Цената на трансферот сè уште не е позната, но медиумите на Островот шпекулираат дека се работи за трансфер вреден околу 25 милиони евра.
Митровиќ во Фулам ќе го носи дресот со број девет и ќе биде главен во нападот, бидејќи минатата сезона во Шампионат лигата на 17 натпревари постигна 12 гола.
„Ги сакам навивачите, неверојатни се и имам одличен однос со нив. Ова е голем клуб и минатата сезона направивме големи работи и сега сакам да го продолжиме тоа. Со навивачите зад нас, можеме да продолжиме со големите работи“, изјави Мирковиќ при потпишувањето на договорот.
Митровиќ кариерата ја почна во младите категории на Партизан, па на кратко беше во Телеоптик, а потоа играше за првиот тим на клубот од Хумска. Со голем успех го носеше црно-белиот дрес, но во 2013 година патот го одведе до Андерлехт.
Во Белгија играше многу добро, Њукасл го купи во 2015 година, но српскиот репрезентативец не се снајде најдобро. Кариерата ја оживеа оваа година во Фулам и сега сака да продолжи со одличните партии во клубот од Лондон.