Петиција за откажување на Олимписките игри во Токио досега потпишале повеќе од 350.000 жители во главниот град на Јапонија. Со апел дека „приоритет треба да биде животот“, петицијата која се потпишува он-лајн е под назив „Откажете ги Олимписките игри во Токио за да ги заштитите нашите животи“, ја започна адвокатот и некогашен кандидат за градоначалник на Токио, Кенји Утсуномија.
Потписите се собрани во многу краток период и затоа оваа акција се смета за сериозна. Според последните анкети, поголем дел од Јапонците се за откажување на Игрите од тие што сакаат да се одржат.
Во Јапонија моментно владее четвртиот бран на пандемијата со корона-вирусот, а во Токио и уште пет области има вонредна состојба.