Еуроникел е третиот полуфиналист во Купот на Македонија, по убедливата победа против Гостивар со 84:75. Кавадарчани и буквално го демолираа противникот со многу подобра игра во текот на целиот меч и ќе го предизвикаат Работнички за место во финалето.
Кошаркарите на Еуроникел ги решија сите дилеми уште по првиот период од 10 минути што го добија со 26:11. Гостивар се обиде да направи пресврт, намали на 9 негатива во втората четвртина, но повторно следеше доминација на противникот.
Стартната петорка на кавадарчани беше супериорна и немаше проблеми на патот кон победата. Сите пет стартери на Еуроникел постигнаа двоцифрен број на поени.
Гостивар по критиките на тренерот Александар Јончевски со серија од 16:0 во последниот период стопи негатива од 30 поени разлика, 74:44 и стаса до поднослив пораз од 9 поени разлика.
Вечерва од 19.30 часот се игра последното четвртфинале меѓу МЗТ Скопје и Куманово, а победникот од тој меч ќе игра за финале против ФМП Академија.