Ракометниот клуб Металург официјално потпиша со близнаците Оливие и Кевин Њокас, Французи кои имаат по 34 години и имаат репрезентативно педигре, а по 16 години повторно ќе бидат клупски колеги.
Кевин Њокас е десен бек и во минатата сезона играше во Бенфика, додека Оливие е лев бек, кој досега беше соиграч на Кирил Лазаров во Нант.
„Кирил Лазаров ме запозна со македонскиот ракомет и од него слушав за Металург. Ни кажа само убави работи. Преговаравме долго, но на крајот сите сме задоволни. Со нетрпение го очекуваме почетокот на оваа соработка“, изјави Њокас.
Браќата близнаци се први Французи во историјата на Металург. Кевин за репрезентацијата на Франција има одиграно 41 натпревар и има златни медали од ЕП 2014 во Данска и СП 2015 во Катар. Оливие Њокас за репрезентацијата на Франција одигра 32 меча и е носител на сребрен медал од ОИ 2016 во Бразил и на златен медал од СП 2017 во Франција.