Александар Васоски и Ѓорѓи Стоилов се оптимисти и веруваат дека Академија Пандев повторно ќе победи во финале на купот, утре на националната арена во Скопје против Силекс.
Струмичани го бранат трофејот и очекуваат тој да остане во витрините на нивниот клуб.
„Ќе настојуваме пехарот да остане во нашите витрини. Натпревар во финале на куп секогаш е неизвесен и нема фаворит. Шансите се 50/50. Силекс играше во квалификациите за Лигата на шампионите минатата година и сигурно не е лесно да се игра против нив. Ќе одлучува поголема желба и мотивација. Мала предност за нас е што Силекс има за играње бараж за опстанок. Оптимист сум и очекувам да бидеме победници“, вели тренерот на Академија Пандев, Александар Васоски.
Ѓорѓи Стоилов ќе биде еден од адутите за победа на струмичани, а секако и тој е оптимист дека пехарот нема да ја менува локацијата.
„Ние го браниме трофејот и верувам дека ќе успееме да го надиграме Силекс. Се знае за ваков меч дека нема фаворит, но кога веќе стасавме до завршниот меч, очекувам и да победиме“, изјави играчот на Академија Пандев.
Финалето се игра утре во Скопје од 19 часот.