Вајлдер: Два пати го пратив на подот, јас сум победник

Донте Вајлдер го задржа шампионскиот боксерски појас во ВБЦ верзијата, иако не го победи Тајсон Фјури. Иако во боксот на вакви мечеви е многу ретко да се случи дуелот да заврши нерешено, овојпат токму таа е одлуката на судиите. По бодувањето на тројцата арбитри, двајцата боксери добија по еден поен, а еден судија смета дека е нерешено.

„Со двата нокдауна мислам дека дефинитивно сум победник во борбата. Двајцата покажавме дека сме големи борци, но со два нокдауна верувам дека сум победник. Ова беше одлична борба. Форсирав борба и повеќе удари. Навистина сакав да го нокаутирам и да им приредам шоу на навивачите. Покажавме дека сме најдобрите боксери во светот“, рече Вајлдер по мечот.

Британецот Тајсон Фјури како ретко кој боксер покажа сила, посебно откако во 12 рунда се најде на подот, да успее да стане и да издржи до крајот. Фјури прими тешки удари, но брзо се врати во последната рунда и со тој негов потег покажа зошто уште нема ниту еден пораз во кариерата.

„Бев на гостински терен и иако бев два пати на подот, верувам дека јас сум победникот. Покажав дека сум голем професионалец. Отидов во Германија да боксувам против Кличко, а сега дојдов во Америка да се борам со Вајлдер. Господ да ја благослови Америка, Џипси кинг се врати. Не знам дали има човек на планетата да го направи тоа што успеав јас. Ја издржав борбата и цел свет знае дека јас сум победник. Се вратив на боксот по три години и покажав дека јас, но и Вајлдер сме двајцата најдобри тешкаши во светот“, рече Фјури по мечот.

 

- Оглас -

Најнови вести