Тотенхем има само две победи кај Арсенал во историјата на Премиер лигата

Арсенал повеќе од две децении се гордееше дека на крајот од сезоната секогаш завршувал пред локалниот ривал Тотенхем. Сепак, во последните две сезони ситуацијата е поинаква. Тотенхем е тимот кој завршува пред Арсенал и најавува борба дури и за титулата во Премиер лигата.

Дербито на северен Лондон доаѓа во вистинско време за двата тима. Арсенал е во одлична серија и има 14 победи и четири нерешени во последните 18 средби во сите натпреварувања. Серијата на Тотенхем е помала, но важно е дека победија на последните шест средби, меѓу кои беа и дерби дуелите против Челзи и тој против Интер во Лигата на шампиони. Арсенал ќа ја има предноста на домашен терен, но стратегот на „топчиите“ Унаи Емери, предноста им ја дава на гостите.

„Во овој момент Тотенхем е подобар од нас на табелата, а беа подобри од нас и минатата сезона на крајот од сезоната. Сепак, историјата покажува дека Арсенал имал повеќе успех од Тотенхем. Ова е дуел на два силни тима и очекувам добар меч. Играме на свој терен и очекувам навивачите да ни дадат дополнителна сила за да стигнеме до победата“, рече Емери.

Низ историјата, Арсенал има 81 победа, Тотенхем се радувал на 63 меча, а без победник завршиле 51 средба. Првиот меч датира уште од 1887 година и тој не се доиграл до крај, бидејќи на 15 минути до крајот се стемнило, а Тотенхем имал предност од 2:1.

Откако во 1992 година е формирана Премиер лигата, Тотенхем е очаен кога гостува кај Арсенал. Во овие речиси три децении има само две победи на гости, последната во 2010 година. Во овој период Арсенал дал 49 гола, а Тотенхем само 25 пати ја погодил мрежата на Арсенал на гостински терен.

Сепак, гостите очекуваат ова да се смени денеска. Тотенхем е убедливо најдобар тим на гостински терен во 2018 година. Во 17 меча одиграни надвор од „Вембли“, Тотенхем има 12 победи, три реми и само два порази. Првата ѕвезда на Тотенхем, Хари Кејн обожава да погодува на гостински терен. Во последнава една и пол сезона има дадено дури 20 погодоци на теренот на ривалите, што само потврдува кој ќе биде најголема опасност за голот на „топчиите“.

Арсенал е очаен кога се работи за дуелите против ривалите од Топ 6. Од 2015 година до сега во 33 такви дерби дуели, „топчиите“ имаат само пет победи, односно вкупно 27 освоени бодови. Тотенхем во истиот период во дерби дуелите со Топ 6 екипите има освоено дури 22 поени повеќе од Арсенал.

Освен дербито на северен Лондон, во Премиер лигата денеска се играат уште два градски дуели. Челзи е апсолутен фаворит против Фулам кој се бори за опстанок, а Ливрпул на „Енфилд Роуд“ игра против Евертон, во меч кој треба да реши дали во градот на фудбалски план доминира црвената или сината боја.

Еве како би можеле да изгледаат стартните состави на денешното дерби на северен Лондон.

 

 

- Оглас -

Најнови вести