Објавено интервјуто со Меси, не кажа ниту да ниту не за останување во Барселона

Со големо нетрпение се очекуваше објавувањето на интервјуто на аргентински „Оле“ со Лионел Меси, најмногу поради можноста тој ексклузивно да каже каде ќе ја продолжи кариерата, но тоа не се случи. На Меси договорот со Барселона му истекува на 30-ти јуни, и тој уште има дилема дали да остане во клубот во кој ја мина целата кариера, или да замине на друго место, па внимателно бираше зборови во интервјуто околу оваа тема.

Меси уште нема формална понуда од Барса за продолжување на договорот, а сега е на одмор, и почнува да се фокусира на настапот на Копа Америка. До крајот на месецов би требало да се знае колку пари ќе потроши Барселона за засилувања. Каталонците најавуваат дека ќе го доведат блискиот пријател на Меси, Серхио Агуеро, но дали тоа е доволно за да го убедат Лео да остане, тоа е прашање. Агуеро не е во форма како до пред неколку сезони.

Ако Меси реши да си замине, голот со глава против Селта ќе му биде последен во дресот на Каталонците за кои игра 20 години. Борба за неговиот потпис ќе водат ПСЖ и Манчестер сити.

Парижаните му нудат многу пари и играње во ист тим со пријателот Нејмар, а има шпекулации дека и семејството на Меси сака преселба во Париз, доколку веќе решат да си заминат од Барселона каде што се комотни и навикнати да живеат. Сити чека прво разрешница на ситуацијата на Лео со Барса, бидејќи Пеп Гвардиола мисли оти Меси сепак ќе го продолжи договорот со Барселона.

- Оглас -

Најнови вести