Црвена ѕвезда по 14 години пауза ја освои двојната круна во Србија, откако фудбалерите на Дејан Станковиќ беа подобри пеналџии од Партизан во финалето од Купот сo 4-3.
Во регуларните 90 минути исполнети со доста возбудувања, недостасуваа само погодоци, додека Партизан беше за нијанса поконкретен во дополнителните половина час на „Рајко Митиќ“ стадионот, во кои исто така мрежите мируваа, по што победникот мораше да се одлучи во пенал-рулетот.
Се шутираше прецизно до третата серија, а потоа тензијата се зголеми откако голманот Стојковиќ потпадна на провокацијата Крстовиќ, па играчот на Ѕвезда на драматичен начин падна на земјата, а двете екипи се стрчаа кон шестнаесетникот. Голема мешаница се случи по што дојде до краток прекин, а откако страстите се смирија, Борјан оствари две одбрани со кои го обезбеди Купот за српскиот првак.