На половина час пред почетокот на натпреварот Македонија – Косово, на трибините во салата „26 Април“ веќе немаше слободни места, гевгеличани се мотивирани да дадат поддршка и да бидат шестиот играч на нашите кошаркари. Македонија првпат игра како домаќин во Гевгелија, па гевгеличани со нетрпение го очекуваат стартот на средбата која може да ја донесе македонската репрезентација на чекор од место во квалификациите за ЕП 2021.
Гевгеличани дисциплинирано дојдоа порано, за да нема турканици при влезот, мажи, жени, помлади и повозрасни, сите дојдоа со надеж дека „црвено-жолтите“ ќе победат.
Трибините почнаа да се полнат на околу еден час пред почетокот, и веќе е преполно. Во првите редови покрај теренот се раководството на МКФ, градоначалникот на Гевгелија, директорот на Агенцијата за млади и спорт, кошаркарите и стручните штабови на гевгелиските клубови Кожув и Блокотехна, како и семејствата на кошаркари.
На трибините, тон дава навивачката група „Фантоми“, но нема дилеми дека и останатите нема да ги штедат грлата и дланките.
Од составот кој тренираше до вчера, Давитков реши надвор од составот да ги остави Бобан Стајиќ и Адем Мекиќ.