Репрезентацијата на Македонија води со по првото полувреме против Косово, но не може да биде задоволна, бидејќи лесно прокоцка убедлива предност стекната во првите 8-9 минути од овој меч од претквалификациите за Евробаскетот 2021.
Македонија отвори одлично, со серија од 6-0, од кои четири поени беа од контра со забивање, па гостинскиот селектор Мулаомеровиќ побара тајм-аут по само една ипол минута игра. Во петта минута, македонската селекција поведе со 16-4. Првата четвртина заврши со 29-16, нападот на нашата репрезентација функционираше добро и умешно ги користевме грешките на гостите.
Во првите три ипол минути од вториот квартал, македонските репрезентативци форсираа шут за три поени, но не им одеше, никако не можеа да го погодат кошот, па Косово дојде на едноцифрена негатива. Лошата реализација донесе нервоза кај домашните, па косовскиот тим се осоколи, намали на 32-33, а имаше обид за водство при 33-35. Дополнителен проблем беше што Трајковски и капитенот Стојановски имаа по три лични грешки.
По првите 20 минути, најефикасен во македонската репрезентација е Бојан Трајковски со 14 поени и седум скока. Македонија во првото полувреме изведе само едно слободно фрлање.