УЕФА размислува за воведување на фајнал-фор турнир во Лигата на шампионите!

Европската фудбалска унија, УЕФА, сериозно размислува за промена на форматот на Лигата на шампионите, и воведување на фајнал-фор турнир во еден град, како завршница на натпреварувањето кое го дава европскиот првак.

Ланскиот „експеримент“ кој беше изнудено решение поради рестрикциите, кога имаше финален турнир со осум тима во Лисабон, им се допадна на челниците на УЕФА, и тие сега сакаат барем полуфиналињата и финалето да се играат на исто место. Ако се изгласа предлогот, полуфиналињата нема да се играат по форматот дома-гости, туку само по еден меч, и двете полуфиналиња ќе се играат во ист град.

Планот е УЕФА да организира таканаречена недела на ЛШ, покрај полуфиналињата и финалето, би имало концерти, натпревари на фудбалските легенди, финалето на јуниорската ЛШ, и сето тоа во еден ист град. Кулминацијата би била финалето на ЛШ, кое би се играло како и сега, во саботите.

Има најави дека УЕФА планира да го укине и правилото за гол во гости, и ако резултатот после два меча е нерешен, да се играат продолженија, а не како сега, понатаму да оди тимот кој дал повеќе голови на гости.

- Оглас -

Најнови вести