Пандев во топ 10 играчи на ЕП со најмногу репрезентативни настапи

За помалку од две недели, македонската фудбалска репрезентација за првпат во својата историја ќе се појави на едно големо натпреварување, Европското првенство. Рисовите ќе ја прават горда македонската нација во дуелите против Австрија, Украина и Холандија од групата Ц, тешки противници против кои ќе мора да се покажат во најдобро можно светло.

На континенталниот собир ќе настапат 23-ца играчи со 100 или повеќе репрезентативни натпревари на свое конто, а Горан Пандев, нашиот капитен и херојот кој ја одведе Македонија на ЕП со клучниот гол против Грузија, е 10-ти на оваа листа.

Од своето деби на 17 години и 10 месеци против Турција на 6 јуни 2001 година, Пандев досега одигра 117 меча во репрезентативниот дрес со 36 погодоци, што го прават најдобар стрелец во историјата на фудбалска Македонија.

„Долги години е ѕвездена атракција на Македонија, како од бајките, Пандев на 37 години стигна во кариерата да го одигра своето последно крешендо кое ќе му биде прво појавување на големо натпреварување“, пишува УЕФА за нашиот Гранде Пандев.

Листа на топ 10 играчи со 100 или повеќе национални настапи:

  1. Кристијано Роналдо, 173 настапи за Португалија
  2. Лука Модриќ, 136 настапи за Хрватска
  3. Жоао Мутињо, 130 настапи за Португалија
  4. Себастијан Ларсон, 128 настапи за Шведска
  5. Марек Хамшик, 126 настапи за Словачка
  6. Јан Фертонген, 126 настапи за Белгија
  7. Уго Љорис, 123 настапи за Франција
  8. Серхио Бускетс, 122 настапи за Шпанија
  9. Роберт Левандовски, 118 настапи за Полска
  10. ГОРАН ПАНДЕВ, 117 настапи за МАКЕДОНИЈА

Воедно, Пандев ќе биде четврти најстар фудбалер на претстојното Европско првенство со 37 години, постари од него се само Мартен Стекеленбург (Холандија), Крег Дејвид (Шкотска) и Пепе од Португалија.

- Оглас -

Најнови вести