Макаби Тел Авив се израдува на 24-тиот трофеј во Купот на Израел откако во неверојатно драматично финале, по 120 минути игра, со 2:1 славеше над градскиот ривал Хапоел.
Хапоел, кој девет години чека на титула во Купот, водеше со 1:0 на полувреме, но Макаби израмни со погодок во 73-тата минута, па мораше да се играат дополнителни 30 минути. Во 96-тата минута Макаби поведе со 2:1 за радост на „жолтите“ на преполниот стадион.
Во 115-тата минута се случи драма. Хапоел даде гол за 2:2, за голема радост на фудбалерите во црвени дресови. Сепак, судијата потоа доби сигнал дека треба да гледа ВАР затоа што на акцијата за погодок ѝ претходел фаул во напад. Кога судијата тргна кон ВАР-мониторот, играчите на Хапоел збеснаа и едноставно не сакаа да го пуштат да ја види спорната ситуација.
Арбитерот процени дека имало фаул врз еден од играчите на Макаби и го поништи голот. На крајот, тоа се покажа како клучен момент затоа што Макаби Тел Авив на крајот победи со 2:1 и стигна до нова Куп титула.