Македонија по тешка битка ја победи Хрватска со 3:2 во полуфиналето на Сребрената Европска лига во одбојка и сега е на само еден чекор со златото и пласман во највисок ранг на натпревари во Европа.
Спартанците беа на посакуваното ниво, кога беше најтешко, во петтиот решавачки сет, кога негативата од 3:6 во поени ја преточија во победа од 15:12 за пласман во финалето, каде не чекаат Унгарците, или Данците.
„Среќни сме што победивме во еден ваков тежок и исцрпувачки меч. Сите заедно сплотени со поддршка на публиката која денеска беше извонредна можеме да победиме и во финалето и да го освоиме златото во Сребрената Европска Лига. Ќе дадеме се од себе да го минеме и последниот и најзначајниот чекор“, изјави Филип Деспотовски.
Второто полуфинале меѓу Унгарија и Данска почна во 20 часот, а по првиот сет Унгарците водат со 1:0. Победникот од тој меч утре ќе ни биде противник во големото финале.