Австријците се тешат и велат дека ќе биде подобро кога ќе биде најпотребно, на Европското првенство што ќе го почнат со дуелот против Македонија на 13 јуни во Букурешт.
Иако селекторот Франко Фода, кој е Германец, е под бараж од критики од медиумите во Австрија, тој вели дека е задоволен од прогресот на репрезентацијата и најдоброто го очекува на ЕП.
„Секогаш има место за критики, но ние не одигравме лошо ниту против Англија, ниту со Словачка. Точно е дека не постигнавме гол, но се надевам дека ќе ги има кога ќе биде најпотребно, на шампионатот“, изјави Фода.
Австрија имаше прекрасна серија од 8 меча без пораз, но сега е прекината со незгодна низа од три меча без победа и без постигнат гол. Данска ги декласира со 4:0 во март на гостински терен во меч од квалификациите за Мундијалот во Катар, а нашиот прв ривал на ЕП не постигна гол ниту на двата тест-меча, со Англија, 0:1 и против Словачка вчера во ремито без погодоци.
„Има место за напредок и имаше и добри работи во поразите. Го добивме голманот Даниел Бахман, кој брани извонредно пред ЕП, а ни се врати и Марко Арнаутовиќ. Двата тест-дуели ни потврдија дека се движиме во посакуваната насока“, изјави Лео Винтнер, претседателот на Австриската фудбалска федерација.
За разлика од нив, медиумите и дел од најголемите ѕвезди што ги има Австрија не се убедени во успешен настап на ЕП.
Ханс Кранкл, кој е меѓу најпознатите фудбалери во историјата на австрискиот фудбал вели дека Австрија има одличен тим, што не си го користи правилно потенцијалот.
„Можеме многу повеќе, но не знам зошто тоа и не го прикажуваме на терен. Мора да одиграме поцврсто во одбраната и многу покреативно во средниот ред. Добро е што се врати Арнаутовиќ, но немаме постигнато гол повеќе од 270 минути. Ако не се подобриме во сите сегменти, а има малку време до почетокот на ЕП, тогаш искрено не очекувам ништо“, изјави Кранкл.
Македонија и Австрија ќе играат во Букурешт на 13 јуни, во премиерниот меч за двете селекции на Европското првенство.