Ракометарите кои синоќа го одиграа последниот натпревар во дресот на Вардар 1961 беа испратени од клубот со подароци како знак на благодарност за тоа што го направија.
Робен Кантегрел, Кристијан Дисингер, Иван Чупиќ, Васко Шеваљевиќ, Глеб Калараш, Марко Кизиќ и Ловро Јотиќ го напуштаат Вардар 1961, некои од нив во следната сезона ќе имаат дуели против Црвено-црните. Позицијата прв тренер ја напушта Стевче Алушовски, на негово место доаѓа Веселин Вујовиќ.
Хрватот Чупиќ остави најголем белег во Вардар, тој му ја донесе на клубот првата европска титула, фановите дури и бараат неговиот дрес со бројот 27 да се повлече.
И Дисингер и Калараш во 2019 година ја освоија Лигата на шампионите, младиот голман Кизиќ израсна во Вардар и се сели во Еурофарм Пелистер, додека само по една сезона помината во црвено-црниот дрес, клубот го напуштаат Кантегрел, Шеваљевиќ и Јотиќ.
„Заминуваат од клубот, но остануваат во нашите срца. Ви благодариме“, беше пораката од 14-кратниот македонски и двократен европски првак.