Еден од најголемите фудбалери од поранешните југословенски простори во последните 25-30 години, Црногорецот Предраг Мијатовиќ, вели дека срцето ќе му чука за македонската репрезентација на ЕВРО 2020.
„Не би рекол дека ќе бидам нечиј навивач на ЕП, но би сакал Хрватска да го повтори успехот од последното Светско првенство, кога беше вицешампион. А, секако, со цело срце ќе бидам и за Македонија. Селекторот Игор Ангеловски е мој пријател. Многу ми е мило што со неговиот тим дојде до историскиот успех“, вели Мијатовиќ во интервју за српскиот „Блиц“.
Што се однесува до фаворитите за титулата, човекот кој во 1998 на Реал Мадрид му ја донесе 32 години чеканата европска титула, смета дека Франција е прв кандидат за трофејот.
„Повеќе или помалку, на секое ЕП или СП се издвојуваат истите тимови, иако некогаш се појавуваат изненадувања. Освојувачот на ова ЕП треба да се бара меѓу оние традиционални фаворити кои често играат во завршниците. Не треба да се трошат зборови за квалитетот на Франција. Ми се чини дека тие се најкомплетна екипа на турнирот. Не сакам да ја намалам силата на Португалија со големиот Роналдо, во групата на фаворити ја сместувам и Германија, која 25 години чека на европска титула. Шпанија и Италија имаат добри тимови, знаат да играат на вакви натпреварувања, неблагодарно е да се прогнозира“, вели Мијатовиќ, кој додава дека треба да се види во каква состојба се Де Бројне и Азар, па и Белгија е тим кој може да стигне далеку, а како можни изненадувања ги спомна Хрватска и Шкотска.