Игор Ангеловски одлично командува со својата фудбалска војска, со репрезентацијата на Македонија, а вели дека како и сите е возбуден пред стартот на утрешниот историски меч на Европско првенство против Австрија.
„Нормално е да има многу емоции пред прв настап на големо натпреварување. Среќни сме што Македонија и сите што навиваат за нас можат да гледаат натпревари на Европско првенство. Се гордееме, но нема да застанеме тука. Знам дека можеме повеќе“, изјави Ангеловски.
Тој му се заблагодари посебно на капитенот Пандев, за неговото прифаќање на планот наречен настап на големо натпреварување пред шест години.
„Таа приказна почна пред шест години кога отидов кај Горан во Џенова и само му посочив дека е фудбалска величина за која би било штета да ја заврши кариерата и фудбалската приказна без настап на големо натпреварување. Побарав да дојде и еден ден заедно да го славиме настапот на едно големо фудбалско натпреварување. И успеавме во тоа, што ме прави посебно среќен“, дополни Ангеловски.
Утре популарниот Мрме ќа ја предводи Македонија на првото големо фудбалско натпреварување, а амбициите се нашата репрезентација да биде пријатно изненадување на ЕП и зошто да не и да го мине првиот круг.