Бразил со сигурна победа почна на Копа Америка, Нејмар сега е на 10 гола од рекордот на Пеле (Видео)

Бразил без поголеми проблеми со 3:0 ја победи Венецуела во мечот со кој стартуваше континенталното фудбалско натпреварување на Јужна Америка. Популарната Копа Америка требаше да се игра во Аргентина и Колумбија, но поради лошата ситуација со корона-вирусот во овие две земји, во последен момент Бразил беше избран за домаќин.

Кариоките за ривал ја имаа Венецуела, која не беше во најсилен состав затоа што петмина фудбалери се заразени со корона-вирусот. Дефанзивецот Маркињос во 23-тата минута донесе радост за домаќините на стадионот во Бразилија, а сите дилеми околу победникот беа решени кога Нејмар од пенал погоди за 2:0 во 64-тата минута.

За капитенот на бразилската репрезентација ова беше 67-ми погодок во националниот тим и сега е на 10 гола од рекордот на Пеле. Кралот на фудбалот има постигнато 77 погодоци во дресот на петкратниот светски првак. Победата на Бразил против Венецуела ја потврди Габриел Барбоса со погодокот во 89-тата минута за 3:0 за Бразил.

Во вториот меч одигран ноќеска беше многу понеизвесно. Колумбија минимално со 1:0 го победи Еквадор благодарение на голот на Кардона во 42-рата минута.

Вечерва се играат два нови меча на Копа Америка, и тоа меѓу: Аргентина и Чиле, односно Парагвај – Боливија.

 

- Оглас -

Најнови вести