Писмо од Букурешт

Македонија го загуби првиот меч на Европското првенство, дебитантски за нас на големите натпреварувања и секако дека има разочарување и кај нашите репрезентативци и кај навивачите.

Тоа е нормално, поразите се незгодни, но не и страшни. Нови сме на големите натпреварувања, за дебитантите секогаш е најтешко, но брзо ќе ги прегрмиме стартните 90 минути против Австрија.

Игор Ангеловски се обиде со германската тактика да ја победи Германија Б, но Фода излезе подобар стратег. Тргнавме со комплетно истиот состав што славеше неверојатна победа во Дуисбург на 31 март против Германците, но вторпат против Австрија, која има дури 19 играчи од Бундеслигата, не ни успеа тактиката.

Популарниот Мрме имаше и грешки, но ова е турнир со кремот на европскиот фудбал, со најсилните европски репрезентации. Грешки се случуваат, секој почеток е тежок и реално кој било да беше селектор сигурно ќе играше со истиот состав што ја победи Германија.

Впечатокот и покрај поразот од 3:1 воопшто не е лош, го добивме тоа што го баравме, што го сакавме, фудбалските јунаци да се борат до крај и тоа ич не е спорно. Имавме и шанси дури и за победа, не бевме надиграни, а двете грешки не чинеа пораз.

Вкупната слика е одлична. Особено убава приказна во Букурешт се навивачите на македонската репрезентација. Го кренаа на нозе главниот град на Романија, пееја, играа, се радуваа и покажаа дека се со јунаците до последен здив.

Посебен спектакл беше младиот брачен пар што минуваше низ чаршијата во стариот дел на градот за својата свадба и беше испратен со песна, оро, зурли и тапани од армија навивачи во црвено-жолти бои. Замислете си таков момент што ќе ви го разубави најубавиот ден во животот со спектакл од странски навивачи.

Романците и Австријците што беа во околината со нескриени симпатии го следеа свадбениот шпалир што го приредија Македонците. Пристојни, разиграни, распеани за само еден-два дена во Романија и направија прекрасна промоција на својата земја, на Македонија.

Штета што не бевте во Букурешт на фешта што не запира, а е исклучително убава, една приказна за љубов кон својата земја, за верност, за истрајност, за почит кон репрезентативците, за бодрење до последен здив.

Пораката е јасна, Македонија фудбалски продолжува да ги собира симпатиите многу пошироко од нашата земја, коментарите на познати и непознати се дека нашата репрезентација знае да игра фудбал и дека малку фалеше да забележи успех на историскиот меч против Австрија.

Од Македонија пораката не се менува, и тоа заедно сплотени Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи… и сите што си ја сакаат земјата.

„Играте со срце, Македонија е со вас“. Гоче, Езџан, Елиф, Дарко, Елмас, Аријан и сите наши фудбалски јунаци, обичниот, скромен народ останува уште посилно зад вас и ќе ве бодри без разлика на сè.

Невестата ја дадовме, бодовите исто така, сега е време за пресврт и успеси. На ред е Украина, одиме на победа и повторно без никаков притисок и императив. Уживајте и играјте за свој мерак и за мерак на огромната армија ваши симпатизери што ќе бидат со вас без разлика на сè.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести