Репрезентацијата на Белгија попладнево (18 часот) ќе ги одмери силите против Данска во Копенхаген, во обид да дојде до нови три бода кои ќе им гарантираат на Црвените ѓаволи пласман во нокаут-фазата на ЕП.
За овој меч е направен план по кој ќе му се оддаде чест на Кристијан Ериксен по преживувањето на срцев удар.
Имено, во 10-тата минута топката ќе биде исфрлена од теренот со цел играчите на двете репрезентации да го поздрават Ериксен. Таа минута е одбрана бидејќи Ериксен го носи бројот 10 во селекцијата на Данска.
„Ќе ја исфрлиме топката надвор од теренот во 10-тата минута и ќе му аплаудираме на Ериксен. Тоа е нашиот начин со кој ќе му дадеме поддршка на Кристијан. Инцидентот сите нè погоди“, истакна Лукаку, кој му посвети еден од двата гола кои ги постигна против Русија токму на својот соиграч од Интер.
Во меѓувреме е потврдено дека на Ериксен ќе му биде вграден дефибрилатор со кој ќе се следи работата на неговото срце.