Горан Пандев утре ќе го има последниот меч во дресот на Македонија, а сигурно ќе игра и покрај проблемите со скочниот зглоб вели селекторот Игор Ангеловски.
Холандија и „Јохан Кројф“ арена ќе бидат збогум за Гоче национале, по 20-годишна кариера во репрезентацијата на Македонија и за крај како шлаг на неверојатната фудбалска авантура со настап и на Европско првенство.
„Да утре ќе ми биде последниот меч за Македонија.Направивме нешто што никој пред нас не успеа, да играме на Европско првенство. И да бирав не можев да одберам подобар ривал од Холандија, една светска фудбалска велесила против која ќе го одиграм последниот меч за репрезентацијата“, вели Пандев.
Ангеловски потврди дека Пандев сигурно ќе игра утре од 18 часот на „Јохан Кројф“ арена во последниот меч и на Македонија на ова Европско првенство, а збогум како кормилар на нашата репрезентација е веројатна опција и за него, утре во Амстердам.
„Горан Пандев заслужи да се прости на еден ваков меч. Се надевам дека ќе му овозможиме тоа да биде со успех, бидејќи фудбалска величина како него заслужува да ја заврши кариерата со добар меч и добар резултат. И за мене завршува договорот со ФФМ и можам да кажам само благодарам. Пред се на Пандев и на овие златни момци. Бевме над 130-то место кога почнавме, сега гледате каде сме. За иднината не би говорел, сега е важно утре да одиграме добро“, изјави Ангеловски.
Македонија ги загуби двата меча против Австрија и Украина во деби настапот на големите натпреварувања и утре од 18 часот ќе се обиде да го освои првиот бод, или бодови на ЕП.