Емоциите преовладуваат во пресрет на денешниот натпревар (18 часот) меѓу Македонија и Холандија, кој ќе се игра на „Јохан Кројф арената“ во последното коло од групната фаза.
Капитенот Горан Пандев за последен пат ќе го облече националниот дрес што ќе му биде 121-ви настап за Македонија во 20-годишната репрезентативна кариера. Лалињата не се непознат противник за македонската икона на фудбалот.
Пандев во кариерата памети четири средби против Холандија, во нив има забележано два погодоци, сите одиграни во квалификации за Светските првенства. Двата гола ги постигна на Националната арена во Скопје, во реми од 2-2 во септември 2004 година и пораз од 1-2 во октомври 2008 година.
По третпат Гранде Пандев ќе ја згазне тревата на холандскиот храм на фудбалот, арената во Амстердам, која го носи името по најголемиот фудбалер од таа земја на сите времиња, Јохан Кројф. Пандев едно од двете гостувања не го памети по добро бидејќи претрпе дебакл од 4-0, но и реми без голови.
Овој петти меч за Пандев против Холандија и воедно последен во македонскиот дрес би било убаво да го круниса со прва победа над фаворитот, што би било шлаг на тортата и големо простување од виртуозот од Струмица кој го оствари сонот на сите Македонци со носење на нашата репрезентација до самото Европско првенство.