Судиите кои делеа правда на трите натпревари од ЕВРО 2020 на кои играше македонската репрезентација како да тренираа строгост кон нашите репрезентативци. Според просечниот однос на направени прекршоци и добиени жолти картони, Македонија е на прво место по групната фаза на ЕП.
Македонија и Полска добија по 8 жолти картони во првите три кола и го делат првото место, но Полјаците на ова ЕП досега направија 46 фаули, дури 13 повеќе од македонските фудбалери, а бројот на јавни опомени е ист. По 33 фаули, исто колку и тимот на Игор Ангеловски, имаат направено и Германија, Австрија, Англија, Белгија, но тие немаат добиено толку жолти картони.
Белгијците и Англичаните на 33 направени фаули, добија само по еден жолт картон, а Холандија остана само со еден картон со направени 34 прекршоци. Или се искусни и знаат како да удрат без да бидат казнети, или беа миленици на судиите, трето нема. Најгруба селекција според бројот на фаули била Турција со 48, а им биле доделени седум жолти картони.
Македонската репрезентација е на делба на врвот според добиени жолти картони, а не е меѓу десетте тимови со најмногу направени фаули. Од друга страна, и врз нашите фудбалери беа направени вкупно 33 фаули.