Паѓаа рекорди на ЕП со двете голеади

Тешко дека ќе се повторат резултатите од вчерашните осминафинални дуели во кои паѓаа рекорди со голеадите во Копенхаген и Букурешт, кои беа среќни за Шпанија и Швајцарија.

Голот на Орсиќ во 85-тата минута за намалување на Хрватите на 3-2 против Шпанија беше рекорден 109-ти гол на ова Европско првенство, а за поставување нова граница до крајот на денот се постигнаа уште девет погодоци. Претходното ЕП 2016 досега беше најефикасно во историјата со 108 гола, но границите ќе се поместуваат до крајот на ова континентално натпреварување на коешто засега се постигнуваат по 2,81 гола во просек по натпревар.

Победата на Црвената фурија од 5-3 по продолженија против Коцкестите е само втор меч во историјата во кој се забележале осум погодоци на еден меч од ЕП. Од полуфиналето во 1960 година на првото ЕП, некогашна Југославија триумфираше со 5-4 над Франција, што е најефикасен меч во историјата до денес.

Пашалиќ со голот за 3-3 против Шпанија во судиското надополнување стана петти стрелец на ова ЕП кој е член на Аталанта, што е израмнување на рекорд кога се во прашање стрелци од еден тим – Претходно играчи на Божицата погодуваа: Меле (Данска), Песина (Италија), Миранчук (Украин) и Госенс (Германија). Само три екипи претходно имале по петмина стрелци на едно ЕП, тоа се Андерлехт во 1984, Барселона во 2000 и Реал Мадрид во 2012 година.

Само на 23 јуни, односно минатата недела, се постигнаа повеќе погодоци (18) во еден ден од вчера, и тоа во четири меча – Шведска 3-2 Полска, Словачка 0-5 Шпанија, Португалија 2-2 Франција, Германија 2-2 Унгарија, додека до учинокот од 14 гола беа потребни само два дуели.

Швајцарија приреди голем шок со тоа што го елиминираше светскиот првак по пенал-рулетот, па првпат во својата 67-ма историја ќе игра четвртфинале на големите натпреваруања (ЕП и СП). Харис Сеферовиќ го постигна 800-тиот јубилеен погодок на Европските првенства во моментот кога ѝ донесе предност од 1-0 на Швајцарија против Триколорите.

Јубилејни погодоци претходно прими и Македонија на ова ЕП – 700-тиот му припадна на Грегорич за 3-1 на Австрија против Рисовите, додека Вајналдум го постигна 750-тиот гол на континенталните собири, реализирајќи за 3-0 против Македонија во третиот меч од групната фаза.

За вечерва предвидени се последните два осминафинални дуели, а тоа се дербито меѓу Англија и Германија, односно Шведска и Украниа, во кои надежите се дека ќе пресликаат барем половина од вчерашната голгетерска фешта.

 

- Оглас -

Најнови вести