Мнозинството следачи на Европското првенство предвреме ја направија Франција владетел со европскиот трон, па јасно беше дека елиминацијата од Швајцарија по пенал-рулетот беше голем шок за сите.
Триколорите иако надополнија еден гол негатива, во завршните 10 минути испуштија предност од 3-1 и им дозволија на Швајцарците да се протнат до изведување на пенали, во кои среќата не беше на страната на светските шампиони, кои останаа без шанса вторпат во својата историја да ги спојат титулите од СП и ЕП.
Одговорноста за неуспехот ја презеде селекторот Дидие Дешамп.
„Тешко е да се објасни што се случи. Потфрливме во првото полувреме, но направивме сè што беше потребно за да се вратиме во мечот. Обично силата во нашиот тим е да делуваме цврсто на теренот во ситуации кога го контролираме резултатот, но му дозволивме на противникот да игра со нашата судбина. Боли елиминацијата, работите требаше да бидат многу поразлични, но ова е убавината на фудбалот. Немам што да им замерам на играчите, јас сум виновен кога не победуваме“, истакна Дешамп.
Наместо да проследиме четвртфинален класик меѓу Шпанија и Франција, Швајцарците се тие кои ќе ѝ застанат Црвената фурија на патот до полуфиналето.