Со елиминацијата на Португалија, Европа ќе добие нов фудбалски владетел, додека шокот што го приреди Швајцарија го остави првиот фаворит, Франција, без шанси да ги спои светската и европската титула. Финалистите од 2016 година повеќе не конкурираат за пехарот, останаа само 10 селекции од кои две вечерва ќе си ги пакуваат куферите, а потоа ќе се комплетира четвртфиналниот костур.
Белгија остана како главен фаворит да биде шампион со 29,6% шанси, но за да стигне до тронот, ќе треба да ја совлада Италија во четвртфиналето, која пак има 10,5% шанси да биде европски првак. Подобриот од овој меч ќе се сретне во полуфиналето со подобриот од Шпанија – Швајцарија.
Црвената фурија сега е втор фаворит да ја освои титулата со 22,7%, а од моменталните четвртфиналисти, Швајцарците имаат најмали шанси и само 3,6% да направат чудот.
Во пресрет на европскиот класик, Англија е трет фаворит со 11,1% за титулата, ако се знае дека завршницата би ја играла на домашно тло во Лондон доколку стигне до таму. Германците со 8% шанси за шампиони не се меѓу главните фаворити.
Со вечерашните средби Англија – Германија и Шведска – Украина ќе се добие последниот четвртфинален пар, а останатите се Белгија – Италија, Данска – Чешка и Шпанија – Швајцарија.