Објавен распоредот за шпанската лига, на Реал му ја исполнија желбата да гостува во првите три кола

Новата сезона во шпанското првенство почнува на 13 август, а според ждрепката која беше направена денеска, актуелниот првак Атлетико Мадрид одбраната на трофејот во Ла Лига ќе ја почне на гостински терен против Селта Виго.

Реал Мадрид во првите три кола ќе гостува, најпрвин кај Алавес, па кај Леванте и кај Бетис. Кралскиот клуб сам бараше да гостува во првите неколку кола за да добие на време пред финиширањето на градежните работи на „Сантијаго Бернабеу“.

Во новата сезона ќе има публика на трибините, па Реал се враќа дома откако во време на корона-вирусот и пред празни трибини играше на тренинг-центарот. Првиот меч на Реал на реновираниот „Бернабеу“ треба да биде против Селта во четвртото коло, на 12 септември.

Барселона тргнува дома против Реал Сосиедад, па гостува во Билбао кај Атлетик, а Каталонците своето прво Ел Класико против Реал го играат дома, во 10-тото коло на 24 октомври. Барса гостува кај Атлетико во осмото коло, градско дерби со повратникот Еспањол игра во 14-тото коло, додека мадридското дерби Реал – Атлетико е во 17-тото коло.

Леванте на Енис Барди во првото коло игра на гости со Кадис, а Рајо Валјекано на Столе Димитриевски во првото коло има гостување кај Севилја. Мајорка, чиј член е Александар Трајковски, го пречекува Бетис. Сезоната треба да заврши на 22 мај, кога ќе има интересни мечеви кои може да решаваат за титула (Реал – Бетис, Сосиедад – Атлетико и Барселона – Вилјареал), а во последното коло Барди и Леванте гостуваат во Мадрид кај Рајо на Димитриевски.

Пауза ќе има од 20 до 30 декември. Повторно ќе има мечеви и во петоците и во понеделниците.

- Оглас -

Најнови вести