Авантурата на Карло Анчелоти во Евертон траеше една и пол сезона без посебен успех, а од таму си замина со репутација на лажго.
Имено, напаѓачот Џошуа Кинг, за норвешките медиуми откри дека Анчелоти му дал лажни ветувања пред да се одлучи да потпише за Карамелите во последниот зимски преоден рок, па сега му е мило што повеќе не му е менаџер.
„Карло Анчелоти е еден обичен лажго. Не се каам што потпишав за Евертон, но понудата ја прифатив поради неговите ветувања. Ми кажа дека ќе добивам шанса, ќе играм, но од тоа ништо не се случи. Ниту еднаш не бев во почетниот состав, не знам зошто. Ќе разберев доколку ми дадеше шанса, а јас не ја оправдав довербата, но тоа не беше причината. На оваа тема разговарав и со него, но тоа останува меѓу нас. Она што ќе кажам е дека сега научив дека нема многу луѓе во фудбалот на кои може да им се верува. А, никогаш, апсолутно никогаш не треба да се соработува со тренер кој предвреме ветува некои работи кои нема да исполни“, искрено говореше Кинг.
Кинг во последниот ден од преодниот рок го напушти Борнмут со цел повторно да игра во Премиер лигата, но запиша само 11 настапи како резерва од клупата, или вкупно 137 минути се најде на теренот без притоа да придонесе со гол или асистенција.