Колку е сиромашен македонскиот фудбал – Не добивме ниту еден долар оштета од ФИФА

Светската куќа на фудбалот, ФИФА, почна со исплата на парите како оштета за клубовите кои имаа свои играчи на Мундијалот во Русија, но за македонскиот фудбал нема ниту еден долар. Ниту еден играч од нашето првенство не настапи на СП, а и македонската фудбалска репрезентација беше далеку од пласман на Мундијалот што се одигра летово.

Просечен квалитет на странци, кои најчесто не играат за своите репрезентации или го носат дресот со национални обележја на земји кои се далеку од големо натпреварување, не остави на дното на Балканот, а од Европа сме далеку.

Најмногу пари како оштета од ФИФА ќе добие Манчестер сити, точно 5 милиони долари, а зад англискиот шампион е актуелниот европски првак Реал Мадрид со инкасирани 4,8 милиони долари. Тотенхем е трет по бројот на играчи што настапуваа летово на Мундијалот во Русија со заработка од 4,39 милиони долари, а потоа е Барселона со 4,15 милиони долари.

Во регионот, односно во земјите на поранешна Југославија, најмногу пари ќе добие Динамо Загреб, точно 680.615 илјади долари, а Риека е зад популарните „модри“ со 547.605 илјади долари.

Интересна е ситуацијата во Србија, каде што Црвена ѕвезда со два играчи кои настапија на СП ќе добие околу 330 илјади долари, пред Партизан, екипа што имаше еден репрезентативец повеќе, но ќе добие помалку пари. „Црно-белите“ очекуваат од ФИФА прилив од 246,2 илјади долари.

Еден од критериумите се и настапите на Мундијалот, па Родиќ и Радоњиќ, кои играа повеќе од триото на Партизан (Стојковиќ, Миленковиќ и Живковиќ), ќе ѝ донесат повеќе пари на Црвена ѕвезда.

Македонскиот фудбал ќе ја чека следната шанса, со евентуален подвиг на македонската репрезентација и пласман на некој од наредните Мундијали или со ангажман на поквалитетни странци во клубовите од Првата лига.

- Оглас -

Најнови вести