Селекторот на Данска, Каспер Хјулманд, ги повика британските власти и премиерот Борис Џонсон да се разбудат и да им дозволат на Данците да допатуваат во Англија за полуфиналето против домашната селекција на „Вембли“ на 7 јули.
За Данците ова е еден од најважните натпревари во историјата, а на нивните навивачи засега не им се дозволува влез во Англија поради строгите протоколи.
Сè уште во Велика Британија на сила е уредбата за 10-дневен карантин, дури и со потврда дека сте вакцинирани. Во Велика Британија живеат околу 30 илјади Данци и голем дел од нив ќе се обидат да бидат гласот од трибините на „Вембли“ на 7 јули што ќе ги бодри своите миленици во полуфиналето на ЕП против Англија.
Најавено е дека на „Вембли“ може да има 60 илјади публика, а Хјулманд вели дека не е фер Англија да има речиси апсолутно мнозинство на трибините на ваков меч.
„Се надеваме дека Борис Џонсон ќе се разбуди и ќе им дозволи на нашите навивачи од Данска да присуствуваат на полуфиналето. Фер е и ние да имаме наши симпатизери и поддршка од трибините“, изјави Хјулманд.
Холандија и Азербејџан направија исклучок и им дозволија на данските навивачи во голем број да бидат на трибините на „Јохан Кројф арената“ во Амстердам и на Олимпискиот стадион во Баку за осминафиналето против Велс и во четвртфиналето со Чешка.
Данска има една титула на Европските првенства што ја освои во 1992 година, кога воопшто и не требаше да игра, но во последен момент влета на местото на Југославија и победи на турнирот.
Англија атакува на својата прва европска круна, а ќе има привилегија во полуфиналето од 21 часот на 7 јули да игра на својот стадион „Вембли“, каде што ќе се игра и финалето.
На 6 јули на истото место и во истиот термин ќе се игра првото полуфинале меѓу Италија и Шпанија.