Ракометот во Македонија доби нов клуб, а тоа е РК Алкалоид. Тоа ќе биде клуб што ќе се натпреварува во Првата лига, а има цел да создаде квалитетна иднина на македонскиот ракомет. За претседател на клубот е назначен некогашниот ракометар Горан Минов, а главен партнер ќе биде Кирил Лазаров, односно спортскиот бренд КЛ7.
„Клубот е основан со управна одлука на компанијата, тој ќе настапува во Првата машка лига. На ваков чекор се одлучивме бидејќи ќе биде место каде што младите таленти правилно ќе ги насочиме според вистински вредности. Регрутирање, градење и насочување на млади македонски таленти е она за што ќе се залагаме, она за што се залага и компанијата ‘Алкалоид’. Цврсто ќе настојуваме да се почитуваат вистинските вредности“, изјави првиот човек на ‘Алкалоид’, Живко Мукаетов.
Капитенот и селектор на македонската репрезентација Кирил Лазаров вели дека ова е проект за добробит на Македонија.
„Чест и задоволство ми е да бидам дел од овој проект, каде што главната улога ќе ја носи една реномирана компанија која е светски призната, ‘Алкалоид’. Ќе работиме заедно, ќе работиме заедно за доброто на македонскиот ракомет, за доброто на македонскиот спорт. Целта е да формираме добра база со квалитетни млади ракометари, кои во иднина заслужено ќе го носат македонскиот национален дрес“, рече Лазаров.