Феникс си најде совршена мерка за пат до титула – Против Милвоки тамам им се по 118 поени за победи (Видео)

Феникс санс си најде шампионска мерка и веќе води со 2:0 против Милвоки бакс во финалето на НБА-лигата. Сонцата повторно постигнаа 118 поени, доволно за нов триумф против Елените, кои стигнаа до 108 поени, недоволни за брејк во „Феникс арената“.

Првиот меч заврши исто така со победа на Санс, тогаш беше 118:105, а повторно тандемот Букер-Пол беше нерешлива енигма за Милвоки.

Заедно искомбинираа 54 поени, три помалку од првиот меч, одличен беше и Бриџис со 27 поени, а Феникс забележа клупски рекорд од 20 тројки во плејоф-меч.

Дури шестмина кај домашниот состав имаа повеќе од една погодена тројка, па расположениот Јанис Адетокумбо не можеше да им се спротивстави сам.

Гркот постигна 42 поени и имаше 12 скока, но останатите гостински кошаркари имаа скромен учинок. Потфрли втората Олстар-ѕвезда кај Бакс, Крис Мидлтон, само со 11 поени.

Следниот меч се игра во понеделник, во 02 часот по полноќ.

 

 

- Оглас -

Најнови вести