Анахејм дакс оствари победничка серија од пет средби во низа откако ноќеска со 4-2 го совлада тимот на Чикаго блекхокс. „Патките“ како да се навикнати во драматични мечеви да извојуваат победи, слично како и на претходните средби против Вашингтон, Каролина и Флорида.
На дуелот во „Хонда центарот“ се чинеше дека Анахејм лесно ќе запише нова победа откако со 2-0 го освои почетниот период. Во вторатата третина гостите возвратија со иста мера, но само за четири минути во решавачките 20 Касе им донесе нова предност на домаќините, а потоа Силфверберг го искористи празниот гол на противникот и на минута и пол до крајот ги реши сите дилеми.
Петтата победа во низа на Анахејм воедно значеше и петти пораз по ред на Чикаго.
Мечот меѓу Сент Луис блус и Едмонтон ојлерс мораше да се одлучува со изведување на пенали, откако резултатот гласеше 2-2 по регуларниот дел. Домаќините по 13 минути игра во првата третина остварија предност од два гола, додека „нафташите“ со по еден гол во останатите два периоди успеаја да се израмнат. Средбата продолжи во дополнително време, во кое ниту едната ниту другата екипа не успеа да го реализира одлучувачкиот гол, остана да се изведуваат пенали.
Бозак го реализираше првиот пенал за Сент Луис, а потоа домаќините промашија два по ред, па прецизноста на Нуџент-Хопкинс и Мекдејвид беше доволна за Едмонтон да го оствари 14-тиот овосезонски триумф.
„Ајкулите“ од Сан Хозе со убедливи 5-1 лесно го совладаа тимот на Каролина хурикејнс. Победникот беше решен веќе по два периоди, во кои домаќините постигнаа по два гола, додека за Каролина почесниот гол го постигна Валмарк пред финишот на втората третина.