Чаирчани се подготвени за подвиг против Санта Клара утре од 20 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, на првиот дуел од двомечот во квалификациите за настап во Конференциската лига на УЕФА.
И тренерот Гоце Седлоски и капитенот Фати Исмаили се оптимисти и велат дека Шкупи има што да покаже, а тоа ќе го стори на терен против силна екипа од португалското првенство.
„Нема да се браниме, напротив, ќе напаѓаме, но мудро и трпеливо за да дојдеме до добар резултат.Санта Клара е силен ривал, играат во одличната португалска екипа и нè чека тешка задача. Покажавме квалитет во претходното коло против Лапи и верувам дека пак ќе потврдиме дека знаеме да играме фудбал и со многу посилен противник во второто коло“, изјави Седлоски.
Капитенот Исмаили не играше против Лапи поради повреда, а двомечот и без него го доби Шкупи со вкупен резултат од 3:1, но сега капитенот е подготвен и добредојден за двомечот со фаворитот од Азорските Острови.
„Јас сум оптимист дека ќе забележиме успех и поволен резултат утре во Скопје. Противникот е фаворит, но Шкупи покажа дека има квалитет за големи дела“, рече Исмаили.
Мечот ќе се игра од 20 часот, а реваншот е за 7 дена и ќе се игра од 22 часот во Португалија.