На Лука Дончиќ му недостасуваа само седум поени за да го урне олимпискиот рекорд на бразилската легенда Оскар Шмит од 55 поени, кој датира од ОИ 1988 година, меѓутоа словенечкиот генијалец сам одлучи да остане на клупата бидејќи си ја заврши својата работа.
Дончиќ во победата над Аргентина постигна 17 поени во првата четвртина, броеше до 31 на полувреме, а заврши со фантастични 48 поени во своето олимписко деби. Со изјавата по мечот докажа дека е скромен колку што е одличен во својата професија.
„На четири минути до крајот на мечот решив да останам на клупата бидејќи си ја завршив работата. Бевме на прагот од победата и немаше потреба да се враќам на паркетот. Воопшто не ме засегаат рекордите, тука сум поради тимот. Ќе си навлечев непотребен притисок доколку тргнев во лов на рекорди“, истакна Дончиќ, а потоа ги освои симпатиите на јавноста и со одговорот дали повеќе сака да освои титула во НБА или олимписко злато со Словенија.
„Нормално, злато со Словенија. Посебно е чувството кога се игра во националниот дрес, но нема да се бунам доколку освојам и злато на ОИ и титула во НБА“, додаде фантастичниот Словенец.