На вториот ден, втора златна радост за Косово. Нора Ѓакова во џудо во категорија до 57 килограми го освои златниот медал победувајќи ја Сара Леони Сисик од Франција.
За Косово ова е второ злато на овие ЛОИ и повторно во џудо, откако вчера Дистрија Красниќи се закити со златото во категоријата до 48 килограми.
Со две злата по првите два дена, Косово е во Топ 10 земји на рангирањето по вредноста на освоени медали на Игрите. Домаќинот Јапонија со осум златни медали е на врвот, пред Американците, кои имаат седум злата, додека Кина е со шест најсјајни одличја.
Руската експедиција има четири злата, а Велика Британија и Република Кореја имаат по три златни медали. Косово заедно со Австралија имаат по две злата, а дури 15 репрезентации досега освоија по еден златен медал на ЛОИ во Токио.