Големата победа на Пабло Карењо Буста над Новак Ѓоковиќ во дуелот за бронзен медал на Летните олимписки игри во Токио, го израдува и Рафаел Надал, кој веднаш му честиташе на сонародникот за триумфот. Карењо стана трети тенисер во историјата кој на олимписки турнир успеал да ги елиминира првиот и вториот носител.
„Голем Пабло! Каква радост! Честитки!“ – напиша Надал.
Ѓоковиќ кој беше многу разочаран, рече дека е исцрпен, играл со болки, им се извини на навивачите, но порача дека и во Париз во 2024 година ќе се обиде да освои олимписко злато. Србинот во кариерата има освоено само еден олимписки медал, и тоа бронза.
„Три години не се далеку, но од друга страна, не сум ни 25-годишен, па на некој начин, тие три години се и далеку. Не го гледам крајот на мојата кариера. Сакам да играм и во Париз. Се надевам на подобар исход тогаш, и да освојам барем медал“ – порача светскиот рекет број 1, кој има неколку повреди, но верува дека ќе може да игра на САД опен.