Дебитантот на кошаркарскиот турнир на Летните олимписки игри, селекцијата на Словенија е првиот полуфиналист во Токио откако на стартот од нокаут-фазата лесно, со 94:70 ја победи Германија. Словенците со овој триумф само потврдија дека се фаворити за освојување на медал, а и како не би биле, кога во тимот го имаат Лука Дончиќ.
Големата НБА-ѕвезда повторно одигра одличен меч и за малку немаше трипл-дабл, па Дончиќ на крајот имаше 20 поени, 11 асистенции и осум скока. Освен Лука, одличен беше и искусниот Зоран Драгиќ, кој беше прв стрелец на мечот со 27 поени, а имаше и шест асистенции и четири скока.
Со оваа победа, Дончиќ ја продолжи перфектната низа кога е во националниот дрес. Во 17 меча, стигна до 17-тата победа.
LUKA AND SLOVENIA ARE HEADED TO THE SEMI FINALS
Slovenia takes down Germany, 94-70
Luka: 20 PTS | 8 REB | 11 AST
He’s now 17-0 with the team. pic.twitter.com/grzf30Y4Ae
— Bleacher Report (@BleacherReport) August 3, 2021
Уште во првата четвртина Словенците најавија дека се решени да стигнат до убедлива победа и поведоа со 23:12, водеа и со 27:14, но Германија не сакаше лесно да се предаде, па со серија од 18:4, стигна и да поведе со 32:31. Сепак, тоа како да беше аларм за Словенија повторно да се разигра, па дебитантот на полувреме имаше предност од 44:37.
На почетокот на третата четвртина, Словенија поведе и со 51:39, па од тој момент до крајот на мечот во ниту еден момент немаше дилема кој ќе победи. Во средината на последната четвртина, Словенија првпат поведе со 20+ (84:63) и на крајот беше јасно кој ќе биде првиот полуфиналист на турнирот.