Жељко Обрадовиќ е човек кој има освоено речиси сè што може да се освои во европската клупска кошарка, но една работа никогаш не ја направил. Нема победа на гостување од регуларна сезона кај Панатинаикос, клубот кој во минатото го водеше со успех и му донесе дури пет европски титули.
При првото гостување во ОАКА како противнички тренер во 2013 година, фановите на Панатинаикос го поздравија со долг аплауз и кореографија. Од 2013 наваму, тој со Фенер редовно гостува во Атина во регуларната сезона и никогаш неговиот тим не триумфирал. Фенербахче вечерва има прилика да ја прекине таа традиција на тренерот.
Истанбулските „жолто-сини“ имаат низа од шест победи по ред и го делат првото место со ЦСКА. Московјаните гостуваат кај Басконија, против која имаат 26-7 во меѓусебните пресметки.
Анадолу Ефес го пречекува Реал Мадрид. Традицијата е на страна на Шпанците (пет победи по ред во меѓусебните дуели), кај кои се враќа лидерот Серхио Љуљ. Се виде дека Реал без Љуљ многу почесто губи и затоа враќањето на бекот е голем плус за европскиот првак. „Пиварите“ се во добра серија, а Реал има два порази по ред.