Американките ги оставија Србинките без финале во одбојка и кошарка

Одбојкарките на САД без многу проблеми со 3:0 во сетови ја победија Србија и се пласираа во финалето на олимпискиот турнир. Иако се очекуваше ова да биде многу понеизвесен дуел, Американките покажаа сила и доминираа во сите три сета, па без проблем стигнаа до петтата победа во низа против овој ривал.

Првиот сет САД го доби со 25:19, а потоа многу лесно со 25:15 стигнаа и до 2:0. Најголемиот отпор Србија го даде во третиот сет, но тоа не беше доволно да ја продолжат борбата за финале. САД го доби и третиот сет, овојпат со 25:23 и си обезбедија место во финалето, каде што ќе го чекаат подобриот од дуелот Бразил – Јужна Кореја закажан за 14 часот.

Дуел меѓу САД и Србија имаше и на кошаркарскиот турнир, но и тука епилогот беше ист. Американките лесно се пласираа во финалето, победувајќи со 79:59. Уште во првите 10 минути Американките стигнаа до убедлива предност од 25:12, а потоа само константно ја зголемуваа разликата и воопшто немаше драма околу патникот во финалето.

Вториот финалист на женскиот кошаркарски турнир треба да биде познат по одигрување на дуелот Јапонија – Франција закажан за во 13 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести