Репрезентациите на Шведска и Канада попладнево ќе играат во финалето на женскиот фудбалски турнир на ЛОИ во Токио. Швеѓанките се перфектни во досегашниот дел од турнирот и во пет меча забележаа пет победи, додека Канада со одлична игра во одбраната успеа да направи подвиг и да стигне до финалето.
Дека ќе бидат меѓу главните фаворити за златото, Шведска покажа уште во првото коло, кога со убедливи 3:0 ги победија Американките. Потоа следуваа победите во групната фаза над Австралија (4:2), Нов Зеланд (2:0), како и триумфите во нокаут-фазата против Јапонија (3:1) и повторно против Австралија, овојпат со 1:0.
Канада не беше меѓу фаворитите за играње во финале, но потврдија дека со верба може да се победи секого. Во групната фаза Канада одигра 1:1 со Јапонија, потоа ја победија Кина со 2:1 и на крајот ремизираа со Велика Британија со 1:1. Во четвртфиналето, Канада по 120 минути игра остана на 0:0 против Бразил, а потоа на пенали славеше со 4:3. По елиминацијата на Кариоките, Канада во полуфиналето ја победи и селекцијата на САД благодарение на голот од пенал во 79-тата минута.